Дневник, 16.04.2010

 

Ниту еден патник од скопскиот и од охридскиот аеродром денеска нема да полета за западноевропските земји поради затворените аеродроми во Унгарија, Чешка, Германија, Австрија, а се’ уште е неизвесно дали и утре ќе може да се лета на овие дестинации.

Големиот облак од вулкански чад и прашина кој од Исланд почна да се шири над западна и северна Европа предизвика проблеми во авиосообраќајот речиси во сите земји, меѓу кои и во Македонија. Стотици патници што вчера од Скопје требаше да патуваат за Прага, Будимпешта и за Брисел останаа на „Александар Велики“ бидејќи редовните летови за овие дестинации беа откажани.

Токму овие аеродроми се најчестите дестинации за македонските патници, кои оттаму летаат до останатиот дел од Европа, Америка и Канада. Тие со неверување гледаа во големите монитори, надевајќи се дека барем нивниот лет нема да биде откажан. Со празни раце останаа и тие што ги чекаа своите блиски да долетаат од Прага и од Будимпешта бидејќи авионите оттаму воопшто и не полетаа. Последните авиони што од Скопје полетаа за источна и за западна Европа беа тие за Цирих и за Виена, но неизвесно беше дали ќе успеат навреме да слетаат. Според официјалните најави, сите аеродроми во Австрија требаше целосно да бидат затворени за сообраќај вчера доцна попладне. Вчера без проблеми се одвиваа летовите за Турција, Белград, Загреб и за Љубљана.

Првичните информации од метеоролозите се дека авиосообраќајот низ Европа ќе се нормализира најрано в четврток, кога се очекува облакот донекаде да се расчисти. ОДЛОЖЕНИ ЛЕТОВИРедици патници на скопскиот аеродром вчера чекаа пред шалтерите на авиокомпаниите за да ги заменат билетите или да си ги вратат парите. Многу од нив бараа алтернативен начин како да стигнат до саканата дестинација. Според вработените во авиокомпаниите, многумина дури изнајмувале и автомобили за да стигнат до западна Европа. – Сите вчерашни и денешни летови за Прага се откажани, а под голем знак прашалник е дали ќе се лета и утре.

На патниците што се решени да патуваат им ги заменуваме билетите за првите слободни места од понеделник, а на тие што се откажуваат од патувањето целосно им ги враќаме парите – ни објаснија од авиокомпанијата „Чех ерлајнс“.На скопскиот аеродром останаа и голем број патници што требаше да фатат авион на некој западноевропски аеродром за прекуокеански лет.- Требаше службено да патувам на семинар во Прага, но очигледно нема да стигнам таму.

Се јавив да ги известам луѓето што го организираат, но ми кажаа дека целосно го откажале семинарот бидејќи многу од учесниците го имаат истиот проблем како мене и не можат да стигнат до Прага – ни рече една патничка.Освен македонски граѓани, на „Александар Велики“ заглавија и многу странци. Меѓу нив имаше и поголема група средношколци од Франција.- Требаше да летаме до Љубљана, па оттаму за Париз, но тој аеродром е затворен. Ни кажаа дека нема проблеми да се стигне до Словенија, ама никој не може да каже што ќе биде понатаму. Се’ уште не знаеме дали воопшто ќе тргнеме од Скопје и кога ќе стасаме дома – рекоа тие. Од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) објаснуваат дека се во постојана координација со Светската метеоролошка организација и Евроконтрол, кои даваат насоки за натамошни дејствувања. – Последните информации се дека облакот е стигнат до Франкфурт и најверојатно ќе ја зафати Источна Европа.

Според досегашната практика и експертските мислења, не се очекува прашината да дојде до Балканот поради географската положба, особено поради Алпите. Постојано ја следиме состојбата и ги преземаме сите неопходни мерки – велат во Агенцијата.

ЕВРОПСКОТО НЕБО БЛОКИРАНОАвиосообраќајот во северна Европа е сосема парализиран – од вообичаените 28.000 лета беа спроведени само 11.000. Повеќе од 17.000 лета беа откажани во текот на вчерашниот ден, најхаотичен на аеродромите по терористичкиот напад врз САД на 11 септември 2001 година.

Британските аеродроми ги откажаа сите летови до денеска, а слична е и ситуацијата во северна Франција, Германија, Белгија и во скандинавските земји.Маките за авиопревозниците значат бум за железниците. Сите 58 воза „Евростар“ полни патуваа меѓу Европа и Британија, пренесувајќи рекордни 46.500 патници. Даница Тунтевска Вулканот уште исфрла пепел Исландскиот вулкан Ејафјалајокул, кој исфрли огромни количини вулканска прав во висина од 6 километри, и по 40 часа активност не покажува знаци на забавување на активноста.Лоциран на петтиот по големина исландски глечер, вулканот досега еруптираше петпати, откако областа беше населена во 9 век. Ејафјалајокул има 2,5 километра широк кратер покриен со мраз. Кога првпат еруптира во март, на површината исфрли лава.Правта, која зафати повеќе од половината од територијата на Стариот континент, се формира во неколку фази. Како што лавата се приближува кон површината, притисокот опаѓа, и таа се претвора во вулканска прашина, која се крши на уште помали парчиња кога доаѓа во контакт со мразот. Правта во воздухот ја исфрла пареата на вулканот, а ветерот ја распространува.

Семејството на Качински не сака одложување на погребот Семејството на трагично загинатиот полски претседател Лех Качински не сака да го одложува неговиот погреб в недела, и покрај облакот од вулканска пепел што се шири над Европа и е причина за затворање на голем број аеродроми, истакна близок соработник на Качински, Јацек Сашин.- Желба на семејството е датумот на погребот да не се одложува во никој случај – додаде Сашин.Се појавија предлози за одложување на погребот, со цел светските лидери, меѓу кои и американскиот претседател Барак Обама, да може безбедно да пристигнат до Полска и да присуствуваат на погребната церемонија. Аеродромот во Краков, каде што треба да пристигнат повеќето странски делегации, вчера беше затворен, како и други полски аеродроми, поради облакот од вулкански пепел што доаѓа од Исланд.