Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, д-р Томислав Тунтев, оствари работна средба со г-ѓа Илкер Аксој, Генерална директорка на Туркиш Ерлајнс во Македонија.

На состанокот, Тунтев ја истакна подготвеноста и детерминираноста на националните цивилни воздухопловни власти за интензивирање на меѓусебната соработка со сите сегменти во воздухопловниот транспортен систем во државата, меѓу кои значајно место заземаат редовните воздушни превозници. Едновремено, директорот Тунтев ја потенцираше и улогата на АЦВ во процесите на континуирано подигнување на нивото на безбедноста на воздушниот сообраќај и унапредување на националниот воздухопловен транспортен систем.

Директорката Аксој го информираше директорот Тунтев за актуелните активности и достигнувања на турскиот национален воздушен превозник во авиобизнисот, за оперативните предизвици со сè поголемиот број на операции и превезени патници, како и за идните развојни планови на компанијата.

Аксој и Тунтев, взаемно изразија задоволството од позицијата на Туркиш Ерлајнс, кој моментално оперира од скопскиот аеродром со два лета дневно за Истамбул, и со тоа практично, се вбројува во листата на најзначајни партнери во сферата на авиоиндустријата во Македонија. Исто така, беа споделени очекувањата дека во текот на 2024 година ќе бидат создадени услови за воведување и на трет лет дневно од скопскиот аеродром, како и можностите за оперирање и на охридскиот аеродром.

Првите луѓе од Агенцијата за цивилно воздухопловство и од Туркиш Ерлајнс во Македонија изразија целосна подготвеност за интензивирање на меѓусебната комуникација во насока на заедничко олеснување и поддршка на развојот на одредени функционални елементи во глобалниот транспортен систем, како и споделување на позитивни искуства и применети практики во сферата на нивниот понатамошен развој.