01.04.2014

 

Извор: Дневник

http://www.dnevnik.mk/

Македонија ќе заработи 2 милиона евра од отворањето на косовското небо

Над два милиона евра дополнителни приходи во буџетот годишно, зголемена фреквенција на авиосообраќајот, пониски цени на билетите, се само дел од придобивките за Македонија од деблокирањето на косовското небо, што треба да се случи задутре.

Воздушниот простор над Kосово беше затворен за прелети на цивилни авиони од 1999 година по бомбардирањето на Србија од страна на НАТО. Авионите не смееја да летаат над 8.700 метри поради што авиокомпаниите беа принудени да летаат по подолги рути и со повисоки трошоци.

Значаен удел во проектот за отворање на косовското небо имаат и македонската контрола на летање и воздухопловните власти, кои следниот период ќе обезбедуваат техничка поддршка и радарска слика за тамошните летови. Kонтролата на летање на воздушниот простор над Kосово од 2011 година ја врши унгарската воздухопловна навигација „Хунгароконтрол“, на која по деблокирањето на небото ќе ~ помагаат македонските колеги од М-НАВ.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) очекуваат дека отворањето на косовското небо на Македонија, меѓу другото, ќе ~ донесе повеќе прелети, што значи и поголеми приходи. Според процените што АЦВ ги направила во соработка со „Евроконтрол“, деблокадата ќе ги скрати и рутите на авиокомпаниите, со што ќе се зголеми и протокот на сообраќај во регионот.

– Тоа ќе привлече повеќе авиокомпании. Ќе има зголемена конкуренција, што ќе се одрази и врз цените на авиобилетите. Очекуваме зголемување на прелетите за најмалку 20 отсто, односно до 50 отсто во шпиц-сезоната, а приходите ќе се зголемат за исто толкав процент. Зголемениот буџет ќе се искористи за инвестиции во воздухопловниот сектор, како и за намалување на цените на услугите – вели Дејан Мојсоски, директор на АЦВ.

Македонската контрола на летање се справува со 130.000 прелети на нашиот воздушен простор во текот на годината. Со отворањето на косовското небо се очекуваат околу 26.000 дополнителни прелети.