Нетпрес, 11.06.2010

 

Денот на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) на АРМ, 10 јуни ќе биде одбележан денес во касарната “Страшо Пинџур“ во Петровец. На воениот дел од аеродромот “Александар Велики“ и во касарната во Петровец, покрај свеченото постројување на припадниците на вВИНГ, денот на единицата вВИНГ ќе го прослави со свечено дефиле.

ВИНГ се темели врз одлуката на Претседателот на Република Македонија од 10 април 1992 година, со која е формирана командата на военото воздухопловство и противвоздушна одбрана (ВВ и ПВО) на АРМ во чии состав влезе воздухопловната бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски ескадрон, информираат од Генералштаб на АРМ.

Денес, покрај основната мисија на вВИНГ за остварување на блиска воздушна огнена поддршка на маневарските единици на АРМ, негова мисија е да учествува во мировни и мисии од хуманитарен карактер предводени од НАТО, ЕУ и ОН, учество во справување со конфликти од регионален карактер, како и поддршка на институциите во Република Македонија при справување со природни непогоди и други несреќи. Од 2006 до 2008 година со еден хеликоптерски детачмент вВИНГ учествуваше во мисијата ,,АЛТЕА“ во рамките на силите на ЕУФОР во Босна и Херцеговина.