МРТ, 19.04.2010

 

Европски авиокомпании побараа неодложно да биде преразгледана забраната над летовите над Европа поради облакот од пепел од вулканот во Исланд.

Во декларација Европската авијациска асоцијација, во која членуваат 36 големи авиокомпании, соопшти дека ги поддржува напорите на Европската комисија, Евроконтрол и владите од ЕУ за гарантирање на безбедноста на летовите. Паралелно со тоа асоцијацијата бара неодложно преразгледување на мерките, усвоени на европско ниво. Повикот беше упатен откако водечки авиокомпании во Европа извршија пробни летови со авиони без патници во европското воздушно пространство. Овие летови минаа без проблеми.

Во декларацијата се вели дека најмалку 6,8 милиони патници се засегнати од кризата. Портпаролот на „Бритиш Ервејс“ соопшти дека пробниот лет вчера со нејзиниот авион Боинг 747 во облаци од вулканска пепел не наишол на никакви тешкотии. Боингот полета од лондонскиот аеродром Хитроу, за да го провери влијанието над авионите на пепелта, која се разнесува од исландскиот вулкан. Во авионот имало четири лица, меѓу кои генералниот директор на компанијата Вили Волш. Авионот слета во 18.41 по локално време во Кардиф по тричасовен лет над Атлантскиот Океан. – Условите беа одлични. Авионот не наиде на тешкотии. Тој ќе биде подложен на целосна техничка проверка во техничкиот центар на „Бритиш Ервејс“ во Кардиф, додаде портпаролот. И холандската авиокомпанија КЛМ изврши серија пробни летови со свои авиони, со кои утврди дека европскиот воздушен простор е безбеден и доби дозвола од цивилната авијација за полетување на три товарни авиони кон Азија. Портпаролот на КЛМ рече дека во товарните авиони нема да има никакви патници. Авиони на КЛМ извршија девет пробни летови меѓу Амстердам и Диселдорф. Едниот лет беше на Боинг 737 со 20-член екипаж, а друг Боинг 737 леташе во холандскиот воздушен простор.

Според претседателот на КЛМ Петер Хартман пробните летови покажале дека над Европа може да се лета при целосна безбедност, со исклучок на коридорот меѓу Русија и Исланд.