Во рамките на денешната голема еколошка акција за чистење на ѓубре и подигнување на еколошката свест кај граѓаните, под мотото “Чистиме со Не биди ѓубре”, во организација на Владата и граѓанската иницијатива”Не биди ѓубре”,  се вклучија и вработените во Агенцијата за цивилно воздухопловство. Тие изутрина од 09 часот, чистеа отпадоци и други нечистотии во и околината на службените простории на АЦВ, во централното градско подрачје, а во 12ч им се приклучија на вработените од другите институции, во акцијата за собирање отпад во близина на Црквата св.Петка во населбата Црниче.

Денешните еколошки активности на вработените во АЦВ, за одржување здрава и чиста животна околина, ќе продолжат и во престојниот период низ серија други  настани, и ќе имаат за цел, да влијаат врз подигнувањето на свеста кај граѓаните дека сите сме одговорни пред заштитата на личниот и општествен животен простор.

АЦВ, ја користи оваа можност уште еднаш да ги повика граѓаните, активно да се вклучат во одржувањето здрави животни навики, како дел од современите трендови, за креирање високо самосвесно европски профилирано здраво, среќно и чисто општество.

Со вклучување во акцијата„Чистиме со Не биди ѓубре“, вработените во АЦВ, воедно го одработија и 2 јануари, кој на почетокот на годинава, беше прогласен за неработен ден.