28.11.2019

Скопје, 28 ноември 2019 год.

Механизам за поддршка на Европските интеграции 2015

Поддршка за учество во ЕЗВО –

Европска заедничка воздухопловна област“

 MK 15 IPA TR 01 19 TWL

Денеска во просториите на хотел Хилтон во Скопје се одржа воведната конференција за твининг проектот „Поддршка за учество во ЕЗВО-Европска заедничка воздухопловна област“, кој го спроведуваат Хрватската агенција за цивилно воздухопловство и Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Северна Македонија како твининг партнер. На конференцијата присуствуваа високи претставници на ЕУ, како и на државните администрации на Хрватска и на Република Северна Македонија.

Твининг е инструмент на Европската унија за институционална соработка помеѓу државните служби на земјите-членки на ЕУ и на земјите-кориснички или земјите-партнери. Проектот започна на 1 ноември 2019 год. и ќе трае 8+3 месеци. Главната цел на проектот е да се поддржи одржливиот развој на цивилното воздухопловство во Република Северна Македонија во согласност со меѓународните стандарди и законските прописи на ЕУ во областа на воздухопловството. Проектот е финансиран од страна на Европската унија. На Хрватската агенција за цивилно воздухопловство ѝ беа доделени 250 000 ЕУР од фондовите на ЕУ за спроведување на твининг проектот во Република Северна Македонија.

Специфичната цел е зајакнување на меѓународните воздухопловни стандарди во Република Северна Македонија преку приближување на законодавството и подобрување на институционалниот капацитет и техничките компетенции на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Северна Македонија во согласност со acquis на ЕУ во областа на воздухопловството, како и политиките на ЕУ за создавање на Европска заедничка воздухопловна област.

Г. Горан Сугарески, Министер за транспорт и врски во Владата на Република Северна Македонија ја нагласи важноста за создавање на модерно, безбедно и сигурно европски профилирано македонско воздухопловство, достапно за сите под еднакви услови. Исто така, тој ѝ се заблагодари на ЕУ за поддршката за проектот.

Г. Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија им се обрати на учесниците во име на ЕУ која ги обезбеди средствата за спроведување на овој значаен проект.

Г. Томислав Михотиќ, државен секретар, Министерство за море, транспорт и инфраструктура на Република Хрватска наведе дека преку инструментот твининг, Република Хрватска сега има можност директно да го споделува знаењето и искуството стекнато преку спроведување и усогласување на acquis на ЕУ, земајќи го предвид неодамнешното искуство на пристапните преговори со Европската унија, како и со целокупната процедура на пристапување.

Водачот на проектот од земјата-корисничка г-ѓа. Маја Васкова-Ќулавковска и водачот на проектот од земјата-членка г. Златко Ширац го претставија планот за реализација за сите три компоненти:

– Усогласување на регулаторната рамка за примена на важечките стандарди во областа на летечки операции, пловидбеност, лиценцирање на персонал и аеродроми со Меѓународната организација за цивилно воздухопловство и acquis на ЕУ;

– Зајакнување на оперативниот капацитет на АЦВ за спроведување на Регулативите на ЕУ во областа на пловидбеност, лиценцирање на персоналот, летечки операции и аеродроми преку развој на соодветни работни процедури и упатства;

– Зајакнување на техничкиот капацитет на раководителите, инспекторите и административниот персонал со цел да се исполнат безбедносните услови на ИКАО и ЕУ.

На крајот на конференцијата, директорот на АЦВ, г. Томислав Тунтев ги образложи очекувањата и предвидените резултати на земјата-корисничка. Исто така, г. Тунтев нагласи дека тој и сите вработени од Агенцијата за цивилно воздухопловство ќе останат посветени и конзистентни на својата мисија и визија во врска со профилирањето и спроведувањето на интегрирано, безбедно, уредно, ефикасно и еколошки одржливо цивилно воздухопловство, достапно за сите под еднакви услови.