На маргините на средбата на министрите за транспорт и врски, што се одржа во Скопје по повод реализирањето на промотивниот лет од Софија до Скопје, директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, д-р Томислав Тунтев, одржа работен состанок со својот бугарски колега, г-динот Христо Штерјонов.

На состанокот стана збор за неколку актуелни теми и активности што се од заеднички интерес, а што произлегуваат од Меморандумот за меѓусебна соработка, потпишан на 4-ти декември 2019 година. Една од нив е организирање и реализација на заеднички инспекциски надзори врз субјектите во авиоиндустријата од страна на воздухопловните инспектори во двете држави, во областа на безбедноста на воздушниот сообраќај на аеродромите, летачките операции, навигацијата и обезбедувањето. Исто така, се разговараше за учество на македонските експерти во вежбовни активности на бугарските воздухопловни власти од областа на SAR/Sec (Search and rescue и Security), односно беа разгледани можностите и условите за вклучување на претставници од АЦВ во вежбовните активности што наесен треба да се организираат од надлежните тела во  Бугарија во областа на потрага и спасување на воздухоплови, како и во областа на обезбедувањето од дејствија на незаконско постапување во воздушниот сообраќај.

Тема на средбата беа и можностите за реализација на заеднички SAFA инспекции, односно надзор врз странските авиопревозници од страна на македонските и бугарските инспектори на аеродромите во двете држави, и размена на искуства во таа област, во согласност со правилата на EASA (EU Aviation Safety Agency).

На состанокот директорите ја договорија следната меѓусебна билатерална средба, што треба да се одржи во мај во Софија, со цел продолжување и унапредување на меѓусебната соработка во рамки на уште неколку конкретни дополнителни заеднички проекти и активности, во рамки на надлежностите на воздухопловните регулаторни тела.