Летањето со авион станува побезбедно со секоја година што изминува. Тоа може да се заклучи од годишните статистичките податоци што ги објавуваат релевантните меѓународни организации и здруженија од областа на воздушниот сообраќај и транспорт.

 

Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO – International Civil Aviation Organization) неодамна го објави својот најнов извештај за безбедноста на воздушниот сообраќај во глобални рамки. Според податоците во извештајот, воздухопловната индустрија во 2021 год. бележи намалување на бројот на авионски несреќи за 9,8% во споредба со 2020 год.; бројот на жртви во авионските несреќи е помал за 66% на годишно ниво. Намалувањето на овие бројки уште повеќе добива на значење, ако се земе во предвид фактот дека вкупниот број на комерцијални патнички летови на глобално ниво во 2021 год. бележи зголемување од 11% во однос на 2020 год. Ваквите значителни подобрувања на безбедноста во авиосообраќајот се резултат на зедничките напори, активности и постигнувања што се реализирани од страна на сите субјекти во авиоиндустријата.

 

Всушност, општиот тренд во авиосообраќајот во сите изминати години на неговиот глобален развој покажува дека денес летањето со авион е побезбедно од било кога порано. Според едно истражување на Универзитетот Харвард во САД, летањето со авион во САД, Европа и Австралија е значително побезбедно од возењето со автомобил. Веројатноста да доживеете несреќа или сериозен инцидент за време на лет со авион е 1 : 1,2 милиони, а веројатноста несреќата да биде фатална е 1 : 11 милиони. Од друга страна, веројатноста да го изгубите животот во сообраќајна несреќа со автомобил на патиштата на овие три континенти е значително поголема, и изнесува 1 : 5.000.

 

Студијата изработена на Технолошкиот институт во Масачусетс во САД во 2020 год. покажува значително подобрување и унапредување на безбедноста на патниците кај воздушните превозници во текот на изминатите децении. Во периодот од 2008 год. до 2017 год., бројот на смртните случаи на патници е значително помал во споредба со претходната декада. Имено, во тој период, стапката на смртност кај авиопревозниците на глобално ниво изнесува еден изгубен живот на 7,9 милиони патници кои се превезувале со авион, во споредба со истата стапка во периодот од 1998 год. до 2007 год., кога таа изнесувала една смрт на 2,7 милиони авиопатници. Ако се оди наназад низ времето, трендот станува уште појасен: во периодот од 1988 год. до 1997 год. забележана е стапка од една жртва на 1,3 милиони, во периодот од 1978 год. до 1987 год. една жртва на 750 илјади, а во периодот помеѓу 1968 год. и 1977 год. една жртва на 350.000 превезени патници.

 

Доколку се анализираат подетално податоците од студијата, може да се забележат одредени „географски разлики“, што значи дека стапката на смртност варира во зависност на географската положба на државите. Држави, во коишто патниците можат да ги користат услугите на авиопревозници со најнизок ризик, се државите во Европа, САД, Кина, Јапонија, Канада, Австралија, Нов Зеланд и Израел. Кај овие земји стапката на смртност во периодот од 2008 год. до 2017 год. изнесува една човечка жртва на 33,1 милион патници во авиосообраќајот, што е 4 пати помала стапка од таа просечната на глобално ниво. Од друга страна, воздушните превозници со поголем ризик доаѓаат од државите во развој, претежно од Азија, Африка и Јужна Америка. Во овие географски области стапката на смртност во последната деценија е 6 и пол пати повисока од просечната стапка на глобално ниво и изнесува една жртва на 1,2 милиони патници. Сепак, и на овие простори се бележи значително подобрување на безбедносната култура во воздушниот сообраќај, ако се има во предвид фактот дека во периодот од 1998 год. до 2007 год. стапката на смртност изнесувала една жртва на 400 илјади авиопатници.

 

Постојат бројни фактори што придонесуваат за значително подобрување на безбедноста во авиосообраќајот во последните неколку години, што овозможуваат воздушниот транспорт денес да се одвива во безбедно опкружување. Летачкиот и кабинскиот персонал во авионите, контролорите на летање, стручниот персонал на аеродромите, персоналот што работи на производство и одржување на авионите, на одржување на системите за навигација, контрола и управување на воздушниот сообраќај, на метеоролошко обезбедување, на дистрибуција на воздухопловни информации, на планирање на летовите, на инспекциски надзор врз субјектите во авиоиндустријата – сите заедно соработуваат секојдневно и континуирано, за да овозможат безбедно патување со авион.

 

Кога сте во авион, можете да бидете сигурни дека летате со високо обучени, искусни, проверени и сертифицирани пилоти. Така на пример, во САД пилотите треба да имаат минимум 1.500 часа летање, пред да можат да работат во комерцијалната авијација за превоз на патници. Тоа се речиси девет седмици континуирано летање. Слични се стандардите и во другите земји. Кабинскиот персонал во авионот, исто така, е од витално значење за безбедноста на авионот и патниците, па затоа најголем дел од нивната стручна обука е поврзан со одржување на безбедноста, удобноста и комодитетот на патниците во авионот.

 

За да се комплетира сликата за најбезбедниот вид на сообраќај и транспорт во светот, на сето ова се додава и безбедноста на самиот авион. Современите брзи, динамични и одржливи технички и технолошки достигнувања во областа на информатичката технологија, машинството, аеродинамиката, мотористиката, употребата на алтернативни горива и композитни конструктивни материјали, овозможија значаен напредок на авионите како превозни средства, редуцирајќи и сведувајќи ги на минимум ризиците од човечка грешка при нивната експлоатација.

Не постои оперативен авионски систем, поврзан со безбедноста на воздушната пловидба, што не е удвоен, а честопати и утроен како независен систем при конструкцијата, производството и експлоатацијата на современите авиони. Новите типови на авиони, што секојдневно се произведуваат, се полесни, потивки, поуправливи, поопремени, поманеврабилни, со поголем капацитет, со помала потрошувачка на гориво и со помала емисија на издувни гасови. Со еден збор, побезбедни.

 

Згора на тоа, како ултимативни критериуми во воздухопловството се востановените стандарди и препорачани практики, пропишани со конвенции, регулативи, директиви, договори, декларации и меморандуми од страна на релевантните меѓнародни организации, што мораат да бидат транспонирани и имплементирани во националната легислатива на сите држави членки. Од аспект на меѓународната соработка и регулатива, денес не постои порегулирана и поунифицирана област во глобални рамки од воздухопловството. Од друга страна, организациите како FAA (Federal Aviation Authorities), EASA (European Union Aviation Safety Agency), ECAC (European Civil Aviation Conference), EUROCONTROL и останатите регулаторни агенции, континуирано ги надзорираат сите воздухопловни активности кај субјектите во авиоиндустријата на глобално ниво. Критериумите, барањата и условите, што треба да ги исполнат и испорачаат субјектите во авиоиндустријата, секој ден се се’ построги, независно дали се однесуваат на воздухопловите, персоналот, инфраструктурата, уредите, системите, инсталациите, одржувањето, информирањето, обуката, обезбедувањето или надзорот. Ултимативната цел е сите што ќе се качат во авион да бидат безбедни и да се чувствуваат безбедно.

 

Септември 2022 год.