18.02.2019

 

Во рамки на редовните средби со сите учесници во националниот воздушен сообраќајно – транспортен систем, директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, д-р Томислав Тунтев, оствари средба со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, г-дин Аднан Џафероски.

На средбата беше истакната взаемната подготвеност за интензивирање на меѓусебната соработка на АЦВ и ДЗС во сферата на одвивање и регулација на воздухопловните активности.

Од страна на Тунтев беа истакнати заложбите на АЦВ во процесите на континуирано подигнување на нивото на безбедноста на воздушниот сообраќај и унапредување на воздухопловството во државата. Притоа, заеднички беше констатирана неопходната потреба од меѓусебна взаемна соработка за целосна имплементација и доследно почитување на сите национални и меѓународни стандарди, препораки и позитивни практики, посебно во сферата на гасењето на пожари со воздухоплови и нивно техничко одржување.

Џафероски го потенцира значењето и улогата на ДЗС во заштитата и спасувањето на граѓаните од природни непогоди, техничко-технолошки, биолошки, хемиски, нукеларни, радиолошки хазарди и други несреќи предизвикани од човекот, со цел обезбедување на услови за опстанок и мирен развој на заедницата, како и зачувување на материјалните добра и животната средина. Притоа, акцент беше ставен на неопходната потреба за создавање на оптимални технички и оперативни услови за овозможување на сигурни, уредни, безбедни и одржливи специјализирани воздухопловни услуги.