Во пријатен и динамичен амбиент, во саботата во Градскиот парк во Скопје, се одржа воздухопловно-едукативниот саем за млади – Air Fair 2025, под мотото „Делуваме денес — за воздухопловството утре!“.
Настанот, кој повторно ги обедини љубителите на авијацијата, младите ентузијасти и професионалците што го живеат небото, и годинава го збогати учеството на Агенцијата за цивилно воздухопловство која, и годинава го задржа приматот на сериозен и доверлив регулаторен орган, надлежен за одржување на безбедноста, сигурноста и ефикасноста на воздушниот сообраќај во земјава.

 

На својот промотивен штанд, на најпрофесионален начин, тимот на Агенцијата им овозможи на посетителите одблиску да се запознаат со клучните сегменти на воздухопловниот систем – од инспекциски надзор на безбедноста и сигурноста, преку аеродромските услуги, па сè до заштитата на правата на патниците.
Присутните имаа можност да поразговараат и со стручни експерти од различни области, кои секојдневно придонесуваат кон тоа воздушниот сообраќај во Македонија да биде безбеден, современ и во чекор со европските стандарди.

Посебно внимание беше посветено на најмладите посетители, за кои АЦВ подготви пријатно изненадување – авиончиња и други пригодни подароци со печат на Агенцијата.Малите учесници со голема радост ги разлетаа авиончињата низ Градскиот парк, внесувајќи дополнителна живост и ентузијазам во настанот.

Air Fair и оваа година ја задржа својата меѓународна димензија, каде покрај  присуството на преставници на домашната авиоиндустрија, присуствуваа и гости од Унгарија и Србија, што придонесе настанот да биде уште побогат и поинспиративен.

Со секое издание, Air Fair станува повеќе од настан – мост меѓу младите соништа и професионалците кои го живеат небото.

АЦВ со гордост ја продолжува својата мисија да ја поддржува оваа иницијатива што ја промовира љубопитноста, знаењето и страста кон воздухопловството.