Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), Драги Стојаноски,  оствари работен состанок со висока делегација од Амбасадата на Државата Катар во Република Македонија. Делегацијата беше предводена од неговата екселенција, амбасадорот Rashid Bin Saeed Al-Khayareen.

На состанокот, катарската делегација побара поддршка од македонските воздухопловни власти за кандидатурата на Државата Катар за членство во Дел III на Советот на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO). Изборите ќе се одржат за време на 42-то заседание на ICAO, кое ќе трае од 23 септември до 3 октомври 2025 година.

Директорот Стојаноски го искористи состанокот за да иницира дискусија за обновување на авиолинијата на Qatar Airways кон и од нашата земја, која беше прекината поради пандемијата со КОВИД-19.

Двајцата соговорници разговараа и за идните чекори за унапредување на билатералната соработка во областа на цивилното воздухопловство. Примарна цел е зајакнување на капацитетите преку стручно оспособување на персоналот, размена на искуства и знаења, како и усвојување на најдобри практики помеѓу воздухопловните власти на двете земји.

Овој работен состанок уште еднаш ги потврди исклучително пријателските односи меѓу двете земји, при што двете делегации изразија целосна подготвеност за продолжување на соработката во сите идни иницијативи од заемен интерес.