Во рамки на востановената практика за воспоставување, одржување и продлабочување на меѓусебната регионална соработка, во Скопје се одржа средба на претставници од македонските и бугарските цивилни воздухопловни власти на највисоко ниво. Првите луѓе од двете агенции за цивилно воздухопловство, д-р Томислав Тунтев и Станимир Лешев, средбата ја остварија во просториите на АЦВ во Скопје. На средбата беше потпишан и ревидираниот Меморандум за меѓусебна соработка помеѓу двете агенции.

Гостите од Бугарија ја потенцираа нивната подготвеност за почеток на конкретни активности и развојни проекти, во рамки на воспоставената билатерална соработка помеѓу двете воздухопловни власти. На средбата беше истакната и потребата за продлабочување на меѓусебната заедничка соработка помеѓу регулаторните тела во сферата на воздухопловството во регионот. Нашите претставници ги претставија проектите за коишто АЦВ очекува помош и поддршка од земјите во ЕУ во остварување на зацртаните цели и развојни планови. Исто така, беа потенцирани заедничките заложби за споделување на искуствата и позитивните практики за достигнување и исполнување на релевантните меѓународни стандарди и препораки од областа на безбедноста на воздушниот сообраќај и транспорт, и посебно во сферата на оперирањето на беспилотните летала.

Соговорниците го потенцираа значењето од заеднички регионален настап и учество во работата на Eurocontrol, ICAO, ECAC, EASA и останатите меѓународни воздухопловни организации и здруженија. На средбите беше договорено да се воспостави меѓусебна соработка на експертите и стручните лица на оперативно и техничко ниво, во рамки на основната дејност на цивилните воздухопловни власти од двете земји.