Во Лошињ, Хрватска, на 7 и 8 мај 2025 година се одржа годишен состанок на земјите-членки на Регионалниот советодавен комитет за воздухопловно пребарување и спасување (RASARAC). На овој значаен настан присуствуваа експерти, и претставници од различни држави со заедничка мисија: унапредување на регионалната соработка и ефикасноста во воздухопловното пребарување и спасување (SAR).

 

Состанокот започна со преглед на активностите од страна на Бугарија, која претседаваше со комитетот во текот на 2024 година. Извештајот ги опфати клучните достигнувања, предизвиците и препораките за натамошно унапредување. Потоа следеше преглед на актуелниот статус на земјите-членки и новите апликации за приклучување кон комитетот.

Во рамки на работните сесии, заедничките експертски групи ги презентираа резултатите од својата работа во изминатата година и ги претставија плановите за 2025 година. Излагањата вклучуваа примери на добра пракса, анализи на SAR инциденти и нови технички решенија што ќе ја подобрат ефикасноста на спасувачките операции.

Особено внимание беше посветено на обуките што се нудат преку JRCC Ларнака и JAA TO, со цел јакнење на капацитетите на персоналот кој работи на SAR мисии. Притоа беше најавено дека новата обука под наслов „Ефективен надзор на системот за пребарување и спасување“ е во финална развојна фаза. Овој курс, кој е дел од официјалниот пакет за обука на ICAO, ќе биде достапен во текот на 2025 година и ќе има приоритет за учесниците од земјите-членки на RASARAC.

На вториот работен ден, беше реализирана демонстративната вежба „ASAR 2025“, која се одржа во воената зона „Ковчање“ во Мали Лошињ. Вежбата служеше за тестирање на оперативната компатибилност на системите за пребарување и спасување во воздух и на море, и претставуваше одлична можност за проверка на подготвеноста на SAR службите. Организирана од страна на Дирекцијата за цивилна заштита, во соработка со Националниот координативен центар за поморско пребарување и спасување (MRCC), вежбата го демонстрираше високиот степен на координација, вештина и ангажираност на сите вклучени служби.

Состанокот уште еднаш го потврди значењето на регионалната соработка, континуираната едукација и заедничките активности за унапредување на системот за воздухопловно пребарување и спасување.