Делегација на Агенцијата за цивилно воздухопловство, предводена од директорот Драги Стојаноски, оствари работна посета на Тирана, со цел унапредување и формализирање на оперативната соработка со Република Албанија во областа на потрагата и спасувањето (SAR).

Во рамки на посетата беше потпишан Оперативен договор за SAR соработка помеѓу двете држави, како резултат на претходно спроведени технички усогласувања. Договорот создава основа за поефикасна координација и заедничко дејствување во случаи на потрага и спасување.

Делегациите пак на двете земји, разменија стручни искуства и информации поврзани со функционирањето и оперативната подготвеност на националните SAR системи, како и за клучни техничко-оперативни аспекти од заеднички интерес.

Овој договор претставува значаен чекор во зајакнувањето на регионалната соработка и воздухопловната безбедност, особено во граничните подрачја и регионот на Охридското Езеро, во согласност со меѓународните стандарди и процедурите на ICAO.