Во просториите на Министерството за транспорт се одржа билатерален состанок на кој директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија, Драги Стојаноски во присуство на заменик – министерката за транспорт г-ѓа Калтрина Зеколи Шаќири и вршителот на должност Амбасадор на Република Аргентина во Софија г. Хуан Игнасио Камио Бавасо официјално го потпиша Меморандумот за разбирање. Со овој значаен документ се поставуваат темелите за иден развој на воздухопловните односи и воспоставување на редовен воздушен сообраќај меѓу двете земји.

Консултациите, кои се одвиваа во пријателска и конструктивна атмосфера, резултираа со усогласување на современа и исклучително либерална регулаторна рамка за воздушен сообраќај. Имено, двете страни се согласија дека можат писмено да определат еден или повеќе авиопревозници за вршење на воздушен сообраќај, со услов нивното главно деловно седиште да биде на територијата на земјата која ги определува. Понатаму, договорена е либерализација на линиите која овозможува летање од било кои појдовни точки, преку било кои меѓуточки, до било кои одредишта во двете држави, како и основа за остварување од трета па сѐ до деветта воздухопловна слобода. Дополнително, договорена е целосна слобода за нередовен (чартер) сообраќај, како и широки можности за комерцијално кооперирање преку код-шер (code-share) договори.

Овој меморандум за разбирање претставува пат кон идна Спогодба за воздушен сообраќај. Имено, двете страни потврдија дека во најкусо заемно прифатливо време ќе ги продолжат консултациите за финализирање на текстот на Спогодба за редовен воздушен сообраќај меѓу Република Македонија и Република Аргентина.

Со овој чекор, Агенцијата за цивилно воздухопловство ја потврдува својата посветеност кон глобално поврзување на земјата и отворање нови пазари и можности за македонскиот воздухопловен сектор.