Агенцијата за цивилно воздухопловство деновиве беше домаќин на делегација на Координативниот центар за потрага и спасување  (RCC) на Албанија, со цел,  дефинирање на оперативен договор за соработка помеѓу двете држави во областа на потрагата и спасувањето.

На средбата, двете делегација разменија искуства и знаења во доменот на своите овластувања, направија и усогласување на техничко-оперативни аспекти од билатералната соработка, низ серија од презентации на функционалноста и оперативноста на постојните национални SAR системи.

Посетата резултираше со дефинирање на целосниот текст на оперативниот договор, кој ќе претставува основа за понатамошна соработка во областа на потрага и спасување – особено во регионот на Охридското Езеро и граничните подрачја.

Овој чекор претставува уште еден значаен придонес кон унапредување на регионалната соработка и зајакнување на капацитетите за безбедност во воздухопловството на Република Македонија, која е од исклучително значење за развојот на македонското цивилно воздухопловство. Таа има клучна улога во воспоставувањето на унифицирани стандарди, зајакнувањето на националните капацитети, унапредувањето на прекуграничната координација и поддршката на имплементацијата на меѓународните стандарди и процедури на ICAO.