Директорите на воздухопловните власти од регионот, држави кандидати за членство во ЕУ, Драги Стојаноски од Република Македонија, Мирјана Чизмаров од Република Србија, Зорислав Ивановиќ од Босна и Херцеговина, Максим Ет’хемај од Република Албанија, деновиве во Подгорица разговараа за бројни заеднички теми од областа на цивилното воздухопловство, како и за интензивирање на регионалното партнерство.

 

 

Директорот на АЦВ на Црна Гора, Иван Шќекиќ , беше домаќин на средбата, во согласност со Меморандумот за разбирање за меѓусебна соработка.

На работниот состанок, првите луѓе на агенциите за цивилно воздухопловство на Црна Гора, Србија, Република Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија, се согласија дека заедничкото планирање и меѓусебната координација, придонесуваат за поефикасна хармонизација и примена на европските и меѓународните стандарди.

Една од темите на разговори на работната средба, беше и координација на активностите пред наредниот состанок на Заедничкиот комитет за Европската заедничка воздухопловна област (ECAA JC). Оваа платформа е од исклучително значаен интерес за државите кандидати за ЕУ, бидејќи истата претставува мост кон целосно вклучување во европскиот воздухопловен систем.

Продолжувањето на обуката и развојот на стручниот кадар беше оценето како исклучително значајна, како и меѓусебната експертска поддршка, со цел, побрза размена на искуства и знаења при достигнувањето на високите стандарди, поставени од европските воздухопловни партнери.

Соговорниците разговараа и за идејата за формирање меѓународен регионален тренинг-центар за експерти од цивилното воздухопловство и за воспоставување база на експерти.