Во Тирана, Албанија, на 6 и 7 мај 2026 година се одржа редовен состанок на земјите-членки на Регионалниот советодавен комитет за воздухопловно пребарување и спасување (RASARAC). На состанокот учествуваа претставници, експерти и координатори од повеќе држави, со заедничка цел – унапредување на регионалната соработка и зголемување на ефикасноста на системите за воздухопловно пребарување и спасување (SAR).

Република Северна Македонија на состанокот ja претставуваа делегација од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), како и од Центарот за управување со кризи (ЦУК), кој ја извршува функцијата на RCC (Rescue Coordination Centre) во државата.

Состанокот започна со поздравни обраќања од домаќините и со осврт на активностите реализирани во изминатиот период. Во рамки на работните сесии беа презентирани извештаи за актуелната состојба во земјите-членки, тековните предизвици и можностите за понатамошно подобрување на координацијата и оперативната подготвеност на SAR службите.

Посебен акцент беше ставен на размената на искуства и добри практики во управувањето со операции за пребарување и спасување, како и на унапредувањето на меѓусебната комуникација и соработка помеѓу надлежните институции во регионот. Претставниците на експертските групи ги презентираа резултатите од својата работа и предложените активности за наредниот период.

 

Во текот на состанокот беа одржани и презентации од страна на JAA TO и COSPAS-SARSAT, посветени на новите технологии во областа на потрага и спасување, со посебен фокус на ELT-DT (Emergency Locator Transmitter – Distress Tracking) системите. Презентациите ги опфатија придобивките од новите технолошки решенија, нивната примена во современите SAR операции, како и усогласувањето со меѓународните стандарди и препораки на ICAO.

На состанокот беше разгледано и барањето на Грција за приклучување кон RASARAC комитетот, при што земјите-членки ја поздравија иницијативата и ја истакнаа важноста од понатамошно проширување и зајакнување на регионалната соработка.

Воедно беше најавено дека следниот состанок на комитетот ќе се одржи во ноември 2026 година, при што ќе биде организирана и заедничка SAR вежба. На тој состанок се очекува земјите-членки да донесат одлука за тоа која држава ќе го преземе следното претседателство со комитетот.

Состанокот во Тирана уште еднаш ја потврди важноста на регионалната координација, континуираната едукација и заедничкиот пристап во развојот и унапредувањето на системите за воздухопловно пребарување и спасување.