Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), во соработка со EUROCONTROL, во Скопје реализираше дводневна регионална средба посветена на клучните предизвици, приоритети и идни насоки за развој на цивилното воздухопловство. На состанокот учествуваше висока делегација од EUROCONTROL, предводена од генералниот директор г-дин Раул Медина, како и генерални директори и експерти од воздухопловните власти и “контролите на летање” на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Црна Гора, Романија и Србија.

Средбата овозможи отворен и конструктивен дијалог за прашања од стратешко значење за регионот, со посебен акцент на заедничките предизвици, размената на искуства и можностите за натамошно унапредување на европската воздухопловна мрежа.

Во услови на континуиран раст на воздушниот сообраќај и променливи геополитички околности, југоисточниот дел на Европа добива сè поголемо значење во рамките на европскиот воздухопловен систем. Во тој контекст, беше нагласена потребата од координиран пристап, навремено планирање и продлабочување на регионалните партнерства, со цел обезбедување повисоко ниво на безбедност, ефикасност и отпорност на воздушниот сообраќај.

Во фокусот на разговорите беа и низа актуелни прашања од областа на воздухопловниот транспорт, како што се, зголемувањето на капацитетите во услови на растечки сообраќај, отпорноста на системите и сајбер-безбедноста, цивилно-воената координација, модернизацијата и дигиталната трансформација на управувањето со воздушниот сообраќај (ATM), интеграцијата на нови учесници во системот, како и развојот на човечкиот капитал и стекнувањето на нови знаења и вештини потребни за иднината.

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски, во своето воведно излагање, истакна дека, одржувањето на оваа значајна регионална иницијатива во Скопје претставува потврда за активната улога и придонесот на Република Македонија во развојот на регионалната воздухопловна соработка.

„Овој состанок е значајна можност за отворена размена на искуства, знаења и најдобри практики со партнерите од регионот и EUROCONTROL. Во време на брзи промени и нови предизвици во воздухопловниот сектор, ваквиот вид регионален дијалог е од особено значење за навремено препознавање на потребите и заедничко креирање на решенија, кои ќе придонесат кон поголема безбедност, ефикасност и отпорност на воздухопловниот систем“, истакна Стојаноски.

Тој додаде дека ваквите иницијативи се значаен придонес и кон јакнењето на институционалните капацитети и натамошното усогласување со европските стандарди и современите трендови во цивилното воздухопловство.

Агенцијата за цивилно воздухопловство останува посветена на унапредувањето на меѓународната и регионалната соработка, размената на знаења и искуства и создавањето услови за стабилен, безбеден, ефикасен и отпорен воздухопловен систем, способен да одговори на идните потреби на патниците, индустријата и европската воздухопловна мрежа.

EUROCONTROL, пак, преку Програмата за поддршка на државите (Support to States Programme) и својата функција на Менаџер на европската мрежа (Network Manager), продолжува да обезбедува експертска поддршка, современи алатки и специјализирани решенија за националните воздухопловни администрации, во согласност со нивните приоритети и специфични потреби.