04.04.2014

 

Извор: Дневник

http://www.dnevnik.mk

„АЛЕKСАНДАР ВЕЛИKИ“ СЕ ПОВРЗУВА СО ПАРИЗ, БРИСЕЛ И СО ФРАНKФУРТ

Нискотарифната авиокомпанија „Визер“ денеска ќе ја промовира новата директна авиолинија Скопје-Париз, на која ќе лета двапати неделно, во понеделник и во петок, со авион „ербас А320“. Со летниот ред на летање, кој е во сила од 30 март, авиокомпанијата воведе нови летови до уште две нови дестинации, Брисел и Франкфурт.

Но, додека авиокомпанијата го проширува обемот на работа од македонските аеродроми, раководството на „Визер“ соопшти дека ќе ги намали флотата и бројот на летовите од белградскиот аеродром поради преголемите аеродромски трошоци. Нискобуџетната компанија објави дека од 6 мај ќе ги укине линиите од Белград кон Осло и кон Брисел и ќе го намали бројот на летовите кон други дестинации бидејќи аеродромските трошоци пораснале за 40 отсто.

„Визер“ се жали дека аеродромските власти во Србија не создаваат клима со која нискотарифните летови ќе бидат достапни до сите патници.

– Аеродромот во Белград подготви шема што штити една авиокомпанија со поскапи тарифи и нејзиниот деловен модел фокусиран на транзитни патници. Оваа одлука не оди во прилог на патниците што сакат евтини билети – соопшти „Визер“.

Македонската Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) со летниот ред на летање одобри 141 лет неделно, 16 повеќе во споредба со летната сезона во 2013 година. На македонските аеродроми се враќа „Ал Италија“, која ќе оперира од мај со седум лета неделно на релацијата Скопје-Рим. Од аеродромите „Александар Велики“ во Скопје и „Апостол Павле“ во Охрид, во редовниот сообраќај ќе бидат вклучени 14 авиопревозници, со директни авиоврски со 25 дестинации (Виена, Белград, Загреб, Истанбул, Љубљана, Цирих, Лондон, Малме, Гетеборг, Ајндховен, Дортмунд, Мемингем, Базел, Венеција, Стокхолм, Брисел, Париз, Kелн, Милано, Франкфурт, Рим, Берлин, Брисел, Цирих и Дубаи).

– Најголем пораст, 18 лета повеќе, во споредба со летото во 2013, има авиокомпанијата „Визер“, на релациите Скопје-Брисел, Париз-Скопје, Kелн-Скопје, Франкфурт-Скопје и Милано-Скопје. „Германија флугеселшафт“ ќе има два лета повеќе во споредба со минатата сезона на релацијата Скопје-Берлин. И „Џетерфлај“ има еден лет повеќе, односно ќе лета четирипати на релациите Брисел-Скопје, Скопје-Брисел, Брисел-Охрид и Охрид-Брисел – вели Дејан Мојсоски, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

АЦВ ги одобри и летовите во нередовниот воздушен превоз, но за нив бројката не е конечна. Според досега издадените решенија, од 10 јуни до 25 октомври годинава се предвидени по седум чартер-лета неделно на релацијата Анталија-Скопје, двапати неделно Бодрум-Скопје од 27 јуни до 10 октомври, Дизелдорф-Скопје исто така двапати неделно од 2 април и до 25 октомври, како и по еден лет Амстердам-Охрид од 12 мај до 29 септември и Анталија-Скопје и Анталија-Охрид.

Субвенциите носат патници

Политиката на субвенционирање на летовите придонесе за зголемување на бројот на авиопатниците и туристите во земјава. Заклучно со февруари годинава операциите во воздушниот сообраќај од македонските аеродроми бележат раст за 7,9 проценти во споредба со истиот период лани. Kај скопскиот аеродром зголемувањето е за 8,5 проценти, а кај охридскиот има намалување за 15,9 проценти.

Освен нискобуџетните, во Македонија почнаа да работат и повеќе други компании што воспоставија редовни или чартер-летови до повеќе други европски дестинации. Статистиката покажува дека лани дестинација број еден бил Истанбул кон кого се реализирале 18,8 отсто од сите летови. Следува Виена со 10,7 отсто, па Цирих, Лондон, Љубљана, Малме, Базел и другите дестинации.