Под мотото „Делуваме денес — за воздухопловството утре!“, во сабота, 25 октомври 2025 година, со почеток во 11 часот, Градскиот парк во Скопје повторно ќе биде домаќин на воздухопловно-едукативниот саем за млади – Air Fair 2025, во организација на Здружението за подобро воздухопловство „Авикон“.

Агенцијата за цивилно воздухопловство и оваа година со задоволство, по петти пат, ќе биде дел од настанот како активен учесник и поддржувач на иницијативи што ја инспирираат идната генерација воздухопловци.

На штандот на АЦВ, посетителите ќе можат одблиску да се запознаат со професиите што го движат небото – контролори на летање, пилоти, инженери, инспектори за безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај, и многу други воздухопловни експерти.

Стручниот тим на АЦВ, низ директна комуникација со посетителите, ќе им овозможи на младите љубители на авијацијата да дознаат како се стигнува до пилотска дозвола, како функционира контролата на летање, и колку е значајна безбедноста во секој чекор на воздушниот транспорт.

И оваа година, Air Fair ќе ја задржи меѓународната димензија во организациските активности, каде покрај македонските воздухопловни ентитети, најавено е присуство и на  гости од Унгарија, Италија и Србија, што го прави настанот уште побогат и поинспиративен.

Со секое издание, Air Fair станува повеќе од настан – тој е мост меѓу младите соништaта и професионалците кои го живеат небото. АЦВ со гордост дава поддршка на оваа иницијатива што ја промовира љубопитноста, знаењето и страста кон воздухопловството.

Затоа, како воздухопловна власт во земјава, ве повикуваме, да го споделиме небото и заедно да го градиме воздухопловството на иднината!