МИА, 19.02.2010

 

Лондон, 19 февруари (МИА) – Меѓународниот аеродром во Бирмингем утринава е повторно отворен за редовен сообраќај, откако беше затворен десетина часови поради големите снежни врнежи што го зафатија овој втор по големина град во Велика Британија и делови од земјата, јави дописникот на МИА од Лондон. Снегот што почна да паѓа во доцните попладневни часови во четвртокот, предизвика аеродромот да биде затвоен од вчера вечер, до денеска, во раните утрински часови.

Седум летови поради неврмето беа одложени, а други 12 целосно откажани. Новиот снег, невообичаен во ова време од годината за британските метеоролошки услови, предизвика нови проблеми во патничкиот и воздушниот сообраќај во повеќе делови од од англискиот источен Мидленд и во Вест Кантри.

Сообраќајната полиција и службите за помош на патиштата соопштија дека главните патишта во овие делови од Англија се отворени за сообраќај, но дека споредните патишта во најголемиот дел се неочистени од снегот и дека на нив има мраз.

Во Бирмингем и во областите зафатени со невремето има 12 сантиметри нов снег. Британската метеоролошка служба соопшти дека времето ќе биде и понатаму студено, но дека снегот ќе престане да паѓа.