Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски, деновове престојуваше во Сингапур како стипендист за следење на обуката “Directors Programme in Aviation Management”. Во рамки на својата посета, тој оствари значајна средба со г-дин Han Kok Juan, директор на Цивилните воздухопловни власти на Сингапур, како и со г-ѓа Charmaine Liu, директорка на реномираната Сингапурска Академија за воздухопловство.

 

Драги Стојаноски со Mr Tay Tiang Guan -Декан на Сингапурската академија за воздухопловство

 

Разговорите помеѓу Стојаноски и неговите колеги резултираа со договор за интензивирање на соработката помеѓу македонските и сингапурските воздухопловни власти. Посебен фокус беше ставен на обуката на воздухопловен персонал, преку тренинзи во Сингапурската Академија – еден од најреномираните центри од ваков тип во светот.

Како дипломец на “Civil Aviation Management” токму од оваа Академија, Стојаноски нагласи дека, сака да го пренесе своето позитивно искуство на македонските колеги и на целата воздухопловна индустрија. На средбата тој инсистираше и на отворање на можности за што поголем број специјализирани обуки за македонски персонал во Сингапур.

Дополнително, беше разгледана можноста дел од обуките да се спроведуваат во Скопје, под покровителство и со инструктори од Сингапурската Академија. Целта е, новоформираната организациона единица за тренинг и едукација при АЦВ, преку пренесување на сингапурското знаење, да прерасне во регионален, а со тек на време и европски центар за цивилно воздухопловство.

Соговорниците се согласија и за организација на студиски посети, како и On-the-job training (OJT) во Цивилните воздухопловни власти на Сингапур, со што македонскиот персонал би стекнал практично искуство во врвни меѓународни воздухопловни  институции.

„Следејќи го сингапурското искуство, веруваме дека со посветеност и желба за напредок, дури и мала држава како нашата, може да биде пример и да игра значајна улога во развојот на регионалното и европско цивилно воздухопловство“, истакна во оваа прилика Стојаноски.

Официјализирањето на соработката, преку потпишување на договори и протоколи, се очекува да се реализира на 42-то Собрание на ICAO (International Civil Aviation Organization), кое ќе се одржи кон крајот на септември во Монтреал, Канада.